Во организација на „Здружението на енергетичари на Македонија – ЗЕМАК“во просториите на INNOFEIT на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) се одржа панел-дискусија на тема „Искуства и предизвици од воведувањето на Механизмот за прекугранично порамнување на емисијата на јаглерод диоксид – CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism)“. Модератор на панелот беше Борко Алексоски, Претседател на ЗЕМАК.
Со ЕУ-регулативата 2023/956 се наложува плаќање на т.н. јаглеродна давачка за вградените емисии со ефектот на стаклена градина (GHG) во производите кои се увезуваат на пазарот на Европската унија. Со СВАМ опфатени се шест групи производи: железо и челик, алуминиум, цемент, вештачко ѓубриво, водород и електрична енергија. Овој механизам е комплементарен со Системот за тргување со емисии на Европската унија (EU Emission Trading System – EU ETS), кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на Европската Унија. Воведувањето на CBAM ќе има значително влијание врз социо-економската слика на земјите кои не се членки на Европската унија, во зависност од нивниот вкупен извоз на производи опфатени со CBAM на пазарот на ЕУ и од степенот на декарбонизација на погодените индустрии.
Периодот од октомври 2023 година до 31 декември 2025 година беше период на прилагодување за компаниите од сите шест групи опфатени со СВАМ во кој беше вклучено следење на емисиите, квартално известување, следење на вкупниот износ на извезени CBAM производи во дадениот квартал, следење на специфичните вградени директни и индиректни емисии, како и цената на јаглерод диоксидот во државата (доколку постои таков систем). Од 01.01.2026 година отпочна комплетната имплементација на наведениот механизам кога започнува и купувањето на CBAM сертификати, односно настануваат и финансиски обврски за увозниците на CBAM стоки во ЕУ. Во периодот од 2026 до 2034 година уделот на вградените емисии во производите кој се плаќа ќе се зголемува постепено, според однапред одреден коефициент. Оваа постепена имплементација е усогласена со укинувањето на бесплатните емисиони единици во рамките на системот за тргување со емисии (ETS) во ЕУ, со цел да се забрза декарбонизацијата на индустријата во ЕУ. По 2034 година продолжува плаќањето на емисиите на јаглерод диоксид во целосен износ.
Со оглед на комлексноста на механизмот, на панел-дискусијата како панелистии беа претставници од релевантни институции:
Панелисти
• Ана Ангелова – МЕМО ДООЕЛ Скопје
• Д-р Златко Ветеровски – Царинска управа
• Марко Минов – Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
• Елена Ивановска Видинова – Макстил АД Скопје
• Никола Панговски – АД МЕПСО
Панелистите во своите презентации се осврнаа на:
• Влијанието на CBAM врз вкупната економија во државата со посебен осврт на електроенергетскиот сектор и регионалната пазарна интеграција;
• Воспоставување на систем за трговија со емисии, воведување на MRVA пакетот (monitoring, reporting, verification and accreditation);
• Искуствата од реализацијата на обврските во преодниот период;
• Институционалната координација и административните обврски;
• Ефектите врз конкурентноста на домашната индустрија и извозот кон ЕУ
Од панелистите, но и од дискусиите на присутните произлезе дека воведувањето на CBAM претставува исклучително значајна регулаторна промена за индустријата во нашата држава од аспект на конкурентноста и пристапот до пазарот на ЕУ. Електричната енергија, како производ што се извезува во ЕУ, е обременета со дополнителни трошоци и за истата нема да има фазно воведување на CBAM и постепено зголемување на уделот на емисиите подложни на плаќање, туку емисиите за извезената електрична енергија ќе се плаќаат во целост.
Се истакна потребата од воспоставувањето на функционален систем за мониторинг, известување, верификација и акредитација (MRVA – Monitoring, Reporting, Verification and Acreditation), како и воведувањето на систем за тргување со емисии кој е во согласност со ЕУ ЕТС (EU ETS). Вакви системски решенија се клучни за долгорочна трансформација на индустријата кон нискојаглеродно и поконкурентно производство, со истовремено ублажување на финансиските ефекти од CBAM.
Успешното прилагодување кон CBAM бара координиран пристап на институциите, стопанството и меѓународните партнери со цел да се обезбеди техничка основа и практични насоки за компаниите како и државните авторитети задолжени за донесување на одлуки, со цел зачувување на конкурентноста на нашата економија и постепено усогласување со климатските цели на ЕУ.







